Лидерот во генерален пласман во Ф1, Луис Хамилтон вели дека неговите односи со механичарите на тимот на Мерцедес се најдобри досега, откако тие му помогнаа да дојде на чекор до петта светска титула по предноста од 40 поени пред Себастијан Фетел во Ферари на шест трки пред крајот.
Шпекулациите велеа дека Хамилтон бил лут на механичарите и инженерите на Мерцедес во текот на битката за светската титула со Нико Розберг од 2014 до 2016, но сега, кога Фетел и Ферари се единствените негови ривали за титулата, Британецот вели дека не може да биде подобро.
„Покрај мене цело време е Боно (тркачкиот инженер Питер Бонингтон) и ова е тим кому морате да му честитате за тоа што го прави. Сите момци работат неуморно на подобрувањето на болидот и ја имаат мојата целосна поддршка. Кога ќе кажам: ’Ми треба ова на болидот’, тие веднаш го прават тоа. Во Сингапур така стигнавме до пол-позицијата. Мислам дека ова е најдоброто нешто досега за мене и тимот. Имам целосна доверба во нив“, објаснува Хамилтон.