Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон вели дека ако остатокот на сезоната 2021 биде идентична со првата трка од сезоната во Бахреин, каде што имаше тесна битка до крај со Макс Ферстапен, ќе остане со бела коса.
36-годишниот ас на Мерцедес стартуваше како втор во Бахреин, но го помина Ферстапен со влегувањето во боксот, пред да следува драма во финишот на трката. Возачот на Ред бул успеа да му се доближи и да го претекне, но потоа излезе надвор од рамките на патеката и мораше да му го препушти местото на Хамилтон, кој потоа стигна до 96. победа во кариерата.
Но, моќта на РБ16 болидот на Ред бул е лесно да се забележи и во Имола за две недели, Ферстапен ќе биде фаворит.
„Јас сум супер-возбуден и среќен за сите фанови, што имаат шанса да гледаат ваква битка. Мислам дека сите го бараа тоа долго време. Секако, се работи само за една трка и не знаеме што ќе донесе иднината, иако со нивната брзина на некои патеки ќе бидат многу побрзи. Има уште многу пред нас, дури 22 трки! Боже! Ќе ми обели косата до крајот на сезоната“, вели Хамилтон.