Во тимот на Мерцедес веруваат дека моторот на ривалите од Ферари сега е еднаков со нивниот во односот на моќта, вели шампионот Луис Хамилтон.
Откако на првата трка од сезоната во Австралија, Себастијан Фетел го победи Хамилтон, Германецот изјави дека Ферари заостанува околу 0.4 секунди зад Мерцедес, доминантниот тим во В6 турбо-хибридната ера од 2014 година. Хамилтон не се согласува.
„Немам бројка, бидејќи во тимот не ја споменаа, но на квалификациите јасно беше посочено дека тие се еднакви според моќта. Направија големо подобрување, иако во трките најверојатно уште имаме многу мала предност. Тешко е да се каже по само една трка, но наскоро ќе можеме да имаме целосен впечаток“, изјави Хамилтон.
Ф1 „експертите“ оценуваат дека Ферари направија скок од 10 коњски сили со моторот за 2018 година, иако првата цел била да се има еднаква моќ како лани. Болидот на Ферари беше побрз на рамните делови во Австралија, иако оваа предност може да се добие и од сет-апот на болидот со поголема потисна сила. Хамилтон беше за 0.6 секунди побрз на квалификациите и убедливо најбрз во трката сѐ до излегувањето на безбедносното возило.
„Јас сум задоволен, но не беше убаво да се стартува прв, а да се заврши како втор. Не сакаш да одиш наназад. По трката, сите во тимот седнавме на пијачка и ветивме дека ќе бидеме посилни во Бахреин. Одиме напред“, додаде Британецот.
Фото: ЕПА