Луис Хамилтон вели дека „бучавата“ околу неговите активности за избегнување на данокот кои беа откриени во таканаречените „Парадајс пејперс“ минатиот викенд нема да му пречат пред Бразилското ГП овој викенд.
Податоците од „Парадајс пејперс“ открија шеми за избегнување на данок на светската елита, вклучувајќи го Хамилтон, кој избегнал британски данок од 4 милиони долари за купување на приватниот авион „Бомбардиер“ преку комплицирана мрежа на офшор компании.
„Доаѓам во Бразил по одличното време со моето семејство и пријатели и имам голема позитивна енергија. Ништо нема да го наруши тоа. Фокусиран сум само на трката, а имаме уште две трки до крајот на сезоната. Тоа се моите основни вредности и затоа сум тука“, изјави Хамилтон во Сао Пауло.
Според претставниците на Англичанецот, регистрирањето на авионот на Островот Мен е целосно легално.
„Како глобален спортист кој плаќа данок во многу земји, Луис има тим на професионални советници кои ги водат неговите работи. Тие советници го уверија Луис дека сè е легално и сега сите други прашања ги водат неговите адвокати“, изјави официјалниот претставник на Хамилтон во Бразил.