Top Sport

Хамилтон: Позабавно е да се бориш, отколку да стартуваш прв

Луис Хамилтон вели дека неговите битки во Монца, каде што стартуваше од 19. место и скокна на 5. место на целта биле „многу позабавни“ од трките во кои стартува прв.

Возачот на Мерцедес, кој во кариерата има рекордни 103 пол-позиции, дефинитивно е навикнат да стартува од првите позиции, но во Италија мораше да започне како претпоследен поради казните за промена на моторот на неговиот В13 болид. Тој имаше одлична трка – по 18 круга беше во поени, пред да падне на 12. место по влегувањето во боксот. На крајот, тој сепак, успеа да стигне до петтото место и се обидуваше да го помине Карлос Саинс кога излезе безбедносното возило во финишот на трката.

„Илјада пати е позабвно да се бориш со луѓе. Се сеќавам на мојот прв картинг, кој беше многу стар и секогаш стартував последен и тоа беше многу забавно. Многу позабавно е да имаш вакви битки. Секако, ситуацијата е поинаква, кога стартуваш како прв“, вели Хамилтон за „Мирор“.

Мерцедес уште ја бркаат својата прва победа во 2022, и иако Хамилтон двапати заврши како втор, тој не верува дека такво нешто е можно оваа сезона.

„Мораме да бидеме реални. Тој Ред бул е речиси непобедлив. Ќе биде потребно нешто навистина посебно да се победи тој болид. Според перформансите тие се многу понапред од сите. Немаме подобрувања со кои можеме да ги претекнеме, така што ќе ни треба многу среќа. Можеби имавме шанса во Цандфорт или Будимпешта, но Ферстапен е обично кул кога е напред, така што не ја знаеш нивната брзина. Ќе видиме“, додава Британецот.

Scroll to Top