Седумкратниот светски шампион во Формула 1 – Луис Хамилтон, пилотот на Мерцедес вели дека е привилегиран што ќе се бори за нова титула и се надева дека во тоа може да му помогне искуството. Додава дека не сака ни да помисли шампионот да се одлучува на поинаков начин.
„По ваква година сигурен сум дека некои од нас не очекуваа дека ќе сме толку изедначени на крајот. Вистинска привилегија е што во последната трка сум еден од возачите кој ќее се бори за титулата. Тоа е неверојатно, со оглед на се што поминавме сезонава“ вели Хамилтон, пренесува „Скај спорт“.
Последната трка се вози викендов во Абу Даби, а со ист број на бодови (по 369,5) во неа влегуваат 36-годишниот Хамилтон и 24-годишниот Ферстапен. Холаѓанецот е во предност поради победа повеќе, но Британецот пак е во серија од 3 победи во низа.
„Помислете дека пред последната трка сме со изедначен број на бодови, никој не можеше да помисли на вакво нешто. Се ближам кон 37 години, постар сум од тогаш кога последен пат ја освоив титулата“ вели Хамилтон.
Запрашан која ќе е неговата сила во последната трка, британскиот возач дециден: „Моето искуство, мојот пристап, тркачот во мене, се надевам“.
Последната сезонска трка е во недела со почеток во 14 часот.