Top Sport

Хамилтон признава дека има дилема дали да остане во Ф1

Луис Хамилтон првпат призна дека се бори со лична дилема околу својата Формула 1 иднина, бидејќи сака да продолжи со настапите во спортот, но не сака да пропушти други животни искуства, со што делумно ги потврди зборовите на неговиот поранешен колега Нико Розберг, кој рече дека Англичанецот сака во пензија.

Договорот на англискиот четирикратен светски шампион со Мерцедес завршува на крајот на сезоната, и се веруваше дека одлуката за продолжување на договорот е чиста формалност, сега Британецот признава дека дел од него сака да гледа други опции надвор од тркањето.

„Исто како времето – се обидувам да го најдам балансот. Засега, имам уште една година со тимот и сакам да продолжам, но дојдов до позиција кога веќе постои тоа прашање. Не можете да се вратите во Ф1. Ако е следната година, или пет години отсега, ќе утнете многу работи кога ќе се откажете. Има многу живот и надвор од тркањето и многу работи кои досега ги пропуштив. Неодамна на еден мој пријател му кажав дека му завидувам што живее на едно место, што има рутина. Секоја година што останувам ги губам тие работи“, вели Хамилтон во интервју за „Аутоспорт“.

Тој додава дека стравот да не пропушти нешто во животот се зголемил по неодамнешната смрт на еден член на семејството.

„Мојата тетка почина од рак и последниот ден кажа: ‘работев цел живот со план да сопрам еден ден и да ги правам тие работи, меѓутоа потоа ми снема време’. Тоа ми останува во умот. Затоа живеам ден-за-ден и се обидувам да живеам до максимум. Сакам да продолжам, но има и други работи во животот“, завршува возачот на „Сребрената стрела“.

Розберг: Хамилтон размислува за пензија

Scroll to Top