Top Sport

Хамилтон сака „многу“ пари од Мерцедес, вели Хорнер

Шефот на тимот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер вели дека најголемата пречка во преговорите за нов договор меѓу Ф1 шампионот Луис Хамилтон и неговиот тим Мерцедес е едноставна – „многу, многу пари“.

Запрашан на прес-конференцијата пред Монако ГП трката овој викенд, Хорнер вели дека одложувањето доаѓа бидејќи неговиот колега од Мерцедес, Тото Волф едноставно не сака да даде премногу пари.

„Мислам дека се работи за гротескна сума на пари, и верувам дека очите на Ники Лауда и на Тото се засолзени. Луис има скап животен стил, тој е четирикратен светски шампион и сигурно не е ефтин. Можам само да замислам за колку големи суми се работи“, вели Хорнер.

Преговорите меѓу Хамилтон и Мерцедес траат од 2017 година, и постојано се одложуваат. Двете страни велат дека не се брзаат иако Хамилтон е без договор на крајот на сезоната. Волф, кој присуствуваше на прес-конференцијата на Хорнер, вели дека нема проблеми.

„Има малку пинг-понг околу деталите. Не сакам да поставувам датум, бидејќи ако го кажам, потоа ќе ме прашувате зошто не е завршено“, вели Волф.

Scroll to Top