Луис Хамилтон во неделата во Сочи доби „подарок“ победа од својот тимски колега од Мерцедес, Валтери Ботас, кому му беше наредено да го пушти, и многумина веднаш најдоа паралела со победите на Михаел Шумахер кои му ги подаруваше Рубенс Барикело.
Британецот, иако признава дека не се согласува целосно со тимските наредби, на крајот признава дека луѓето ќе паметат кој ќе ја освои титулата, а не каква стратегија ќе применува, како примерот на Михаел Шумахер.
Германецот, кој има трагична судбина по сериозните повреди на мозокот кои ги доби по падот на скијање во декември 2013 година, честопати беше безмилосен на патеката, но Хамилтон вели дека ќе се паметат неговите седум титули, а не индивидуалните одлуки.
„Кога ќе освоиш титула, луѓето не се сеќаваат на добрите или лошите работи во сезоната, се сеќаваат кој победил. Видете го Михаел Шумахер – тој има седум светски титули, останува најуспешниот возач во историјата, но дали секогаш правеше вистински одлуки? Којзнае, но би кажал дека секогаш правеше умни одлуки за освојувањето на титулите за него и за неговиот тим“, објаснува Хамилтон, кој има 50 поени предност пред Себастијан Фетел во генерален пласман и е на чекор до својата петта титула.