Светскиот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон вели дека неговиот колега од Мерцедес, Валтери Ботас добил „добра помош“ од еден од долгогодишните инженери на Британецот, кој од оваа година работи со Финецот.
Ботас е лидер во генерален пласман со еден поен пред Хамилтон по четири трки, откако двајцата победија по двапати, а покрај тоа тој беш побрз од него на првите тренинзи пред Шпанското ГП. Ова е драстична разлика од минатата сезона, кога Ботас не оствари ниту една победа, а Хамилтон триумфираше дури 11 пати.
„Оваа година тој го има мојот инженер број 2 и учи многу од тоа. Тоа требаше да се очекува. Јас имам нов инженер, со кого работиме многу добро, но потребно е време да се изградат врските. Не е исто како да сте работеле заедно шест години. Поминаа само четири трки и ќе видиме што ќе се случи“, изјави Хамилтон по тренинзите.
Претходниот инженер на трки на Финецот,Тони Рос замина од Ф1 на крајот на минатата сезона за да го предводи проектот на Формула Е на Мерцедес, додека на негово место дојде Италијанецот Рикардо Мускони, кој претходно беше инженер за перформанси на Хамилтон.