Top Sport

Хамилтон, сепак, нема да „клекне“

Луис Хамилтон објасни дека американските спортисти кои клечат при интонирањето на националната химна ја имаат неговата поддршка, но дека нема да се реши на таков потег пред Американското ГП во Остин, Тексас, овој викенд.

Британецот, чиј дедо и баба доаѓаат од карипскиот остров Гренада, и чија мајка е бела, вели дека мора да се фокусира на освојувањето на титулата без да му пречат политичките „глупости“.

„Немам планови за такво нешто. Знам многу луѓе во САД и зборував со многу бели и црни луѓе тука, така што имам одреден став околу ова движење, а неколку пати објавував за тоа преку социјалните мрежи. Ја имаат мојата поддршка. Меѓутоа, сега, фокусот мора да биде на титулата“, вели Хамилтон, кој има шанси овој викенд да ја запечати четвртата Ф1 титула.

Дел од играчите од НФЛ лигата во американски фудбал, предводени од Колин Кеперник, го користеа клечењето за време на химната во знак на протест поради полициската бруталност кон Афро-Американците.  Повеќе од половина НФЛ играчи се црни. Ова наиде на реакција на американскиот претседател Доналд Трамп кој ги обвини играчите дека не се патриоти и побара фановите да ги бојкотираат натпреварите.

„Работев напорно да се најдам во оваа ситуација, и иако имам свое мислење и чувства околу ситуацијата, во моментов немам планови да протестирам“, вели Хамилтон.

Scroll to Top