Возачот на Мерцедес Луис Хамилтон изјавил дека добрата тимска стратегија му овозможила да ја освои пол-позицијата, во пресрет на трката за Голамета награда на Јапонија. Хамилтон во Сузука ја забележа јубилејната 80. пол-позиција во кариерата.
Мерцедес, утре во Јапонија, ќе стартува од првите две позиции. Веднаш до Хамилтон ќе биде неговиот тимски колега Валтери Ботас.
„Тешко е да се избере вистинската стратегија во вакви услови. Токму тоа е сегментот во кој најмногу напредувавме во однос на минатата сезона. Секој тим има паметни луѓе, а Мерцедес покажа дека е најдобар поради изборот на вистинската стратегија и тоа во моменти кога бевме под притисок“, рекол Хамилтон.
Најголемиот ривал на Британецот, Себастијан Фетел ќе стартува од деветтата позиција, откако Ферари целосно ја згреши стратегијата во третата квалификациска сесија. Ферари решија нивните возачи да излезат со гуми за променливи услови иако немаше дожд.
„Веднаш штом излегоа на патеката со такви гуми знаев дека тоа е погрешен потег. За разлика од нив ние ја имавме вистинската стратегија“, дополнил актуелниот светски првак.
Трката за Големата награда на Јапонија се вози утре од 7:10 часот.