Луис Хамилтон е лидер во генерален пласман со 17 поени предност пред Себастијан Фетел пред домашната трка на Ферари во Монца, каде што светскиот шампион очекува италијанскиот тим да биде во предност по поразот во директната битка со Фетел во Спа.
Ферари немаат домашна победа од таа на Фернандо Алонс во 2010 година, а во Мерцедес се загрижени за техничката предност која ја има италијанскиот тим, и Хамилтон вели дека блефирањето веќе не функционира.
„Тешко е да се каже како тие завршија подобра работа, но побрзи се, и тоа е едноставен факт. Нивниот мотор е многу подобрен од лани и тоа не е добро за нас, но сега сме во моменти кога мораме да ги искористиме нашите шанси кога не сме најбрзи. Тоа го направивме на претходните две трки пред Спа, и со картите кои ги имавме одигравме подобро иако тие имаа подобар болид. Блефиравме, но тоа не можеш да го правиш секогаш. Ако ги играш истите карти постојано, тогаш противникот ќе сфати што сакаш да направиш. Наскоро, во следните две-три трки ќе се знае каде сме“, вели Хамилтон, кој има три победи од последните четири трки во Монца, вклучувајќи ја и ланската.