Top Sport

Хартли ја освои ВЕЦ титулата со Порше

Новозеланѓанецот Брендон Хартли, кој минатиот месец дебитираше во Ф1 со тимот на Торо росо ја освои титулата во Светскиот ендуранс шампионат (ВЕЦ) со Порше втора година едноподруго.

27-годишниот Хартли заедно со сонародникот Ерл Бамбер и Германецот Тимо Бернхард стигнаа до второто место на претпоследната трка од шампионатот во Шангај за да ја обезбедат титулата. Германскиот бренд Порше, кој заминува од спортот на крајот на сезоната, исто така трета година едноподруго е шампион кај конструкторите.

Победата во Шангај отиде кај Тојота со Јапонецот Казуки Накаџима, Британецот Ентони Дејвидсон и Швајцарецот Себастиен Буеми.

ВЕЦ шампионатот ги сврзува таканаречените трки на издржливост, како 24 часа Ле Ман, славната трка на која Хартли оваа година победи. Хартли претходно ја освои титулата во 2015 со Бернхард и поранешниот Ф1 возач, Австралиецот Марк Вебер. Тој би требало да ја заврши сезоната со тимот на Торо росо во Ф1 по дебито на Американското ГП минатиот месец.

Се очекува тој да биде потврден како втор возач на Торо росо во 2018 заедно со францускиот дебитант Пјер Гасли откако тимот реши да се ослободи од услугите на рускиот возач Данил Квјат.

Scroll to Top