Top Sport

Хорнер: Ќе ги испитаме сите опции за втор возач во 2024

Шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер му се закани на Серхио Перез дека можеби нема иднина во тимот по хаотичното Јапонско ГП во кое Мексиканецот имаше кошмарна трка, која не ја заврши.

Популарниот Чеко Перез имаше одличен старт на сезоната со две победи во првите четири трки, но оттогаш не успева да го предизвика Макс Ферстапен со низа лоши трки, и бидејќи неговиот договор завршува следната сезона, постојани се шпекулациите дека тој ќе биде заменет.

„Ние во Ред бул рејсинг секогаш ги сакаме двајцата најдобри достапни возачи. Имаме долгогодишен договор со Макс, а договорот на Чеко завршува во 2024, така што ќе сакаме да ги видиме сите опции кои ќе бидат достапни. Местото на Чеко дефинитивно е посакувано и тој ќе сака да го продолжи. Ќе видиме како ќе вози Даниел Рикардо, како ќе вози Јуки Цунода, па ќе донесеме одлука“, изјави Хорнер.

Перез стартуваше како петти во Сузука, но се судри со Луис Хамилтон пред првата кривина, оштетувајќи го болидот и влегувајќи во боксот да добие ново предно крило. Подоцна тој повторно се удри во Кевин Магнусен, добивајќи казна. Ред бул го повлекоа неговиот болид, пред да искористат „дупка“ во правилата и да го вратат на патеката да исполни уште една казна, за потоа да се повлече, така избегнувајќи казна за следната трка во Катар.

Scroll to Top