Мерцедес признаваат дека нивната долгогодишна доминација во Формула 1 е многу непопуларна кај фановите откако повторно доминираа на квалификациите на Британското ГП, додека ривалите од Ред бул сметаат дека ситуацијата нема да се смени ниту во следните две сезони.
Луис Хамилтон ја освои пол-позицијата со цела секунда пред Макс Ферстапен во Ред бул во саботата, откако тимот победи во првите три трки од 2020 и освои шест двојни титули последните шест години. Шефот Тото Волф знае дека ова не е добро за спортот.
„Мислам дека ако се погледне наназад на спортските тимови и на нивниот успех, кога ќе станете премногу самоуверени почнувате да губите. Знаеме дека со овие перформанси не правиме многу нови пријатели и дека нападите доаѓаат од секаде, и тоа е битка која мораме да ја водиме. Но, подобро вака, отколку да ве сожалуваат“, вели Волф.
Поради ограничените промени во Формула 1 во блиска иднина поради економското влијание на пандемијата на корона вирусот, ситуацијата најверојатно ќе остане иста барем до 2022. Хелмут Марко, советникот на Ред бул не е оптимист.
„За 2021 нема да има многу промени и тоа ја прави ситуацијата уште потешка. Адријан Њуи гледа да направи што може со болидот, но коњските сили кои ги имаат Мерцедес се недостижни. Сите сме нервозни, тоа е јасно“, вели Марко.