По исклучително тежок и турбулентен викенд во Чешка, исполнет со бројни предизвици, но и со освоено трето место на подиумот, трикратниот европски шампион Стефановски овој викенд со нов настап во Германија на легендарната трка Glasbachrennen.
„За жал, последиците од силниот удар што го доживеав при првото возење во Чешка сѐ уште се чувствуваат. И покрај огромниот напор на мојот тим, автомобилот не е целосно вратен во состојбата во која беше пред инцидентот. Работевме ден и ноќ за да го приспособиме и подготвиме колку што е можно подобро за настапот во Германија“, споделува Иџе.
Во овој момент, најважно е техничката комисија на FIA по деталната проверка која ќе се изврши во петок, да ни даде зелено светло за настап. Тоа е првата и најголема битка што треба да ја добиеме пред воопшто да застанеме на стартот, додава Стефановски.
„Се надевам дека се’ ќе биде во ред и дека ќе можеме да се бориме за што подобар резултат. Сигурно е дека ова ќе биде една од најпредизвикувачките трки сезонава, не само за мене туку и за целиот тим, кој вложува огромен труд за да останеме конкурентни во шампионатот“, смета Стефановски.
Веднаш по завршувањето на трката во Германија, автомобилот ќе замине во Ferrari во Италија на детален преглед и целосна санација на оштетувањата, со цел повторно да биде подготвен на највисоко ниво за следните предизвици.
„Никогаш не се предаваме. Кога е најтешко, тогаш се гледа вистинскиот карактер на шампионите. Овој викенд нема да биде лесен, но ќе дадеме максимум за да ја претставиме Македонија на најдобар можен начин.“
