Top Sport

Италијанците воодушевени од „Супер Леклер“

Беа потребни 13 трки за Ферари, конечно, да победи на една Ф1 трка во 2019 година, но италијанскиот печат најде нова причина за воодушевување од Шарл Леклер, откако претходно цела сезона само се нижеа критики на сметка на „коњчето“.

Атмосферата нормално се „вжештува“ со тоа што следна трка на календарот е домашното Италијанско ГП во Монца, каде што последен пат победија со Фернандо Алонсо во сега веќе далечната 2010 година.

„Супер Леклер, но до прво место поради Фетел. Сега, Ферари сонува за Монца“, се вели во „Ла газета дело спорт“.

„Кориере дела сера“ се фокусира на првата победа на Леклер, оценувајќи дека тој го искористил срцето и главата за да влезе во „клубот на шампиони“, додавајќи дека Спа е патека каде што возачите се најважни и каде што само најдобрите можат да триумфираат.

Тие исто така, можеби малку преоптимистички, сметаат дека ова е „почеток на препородот во Ферари“.

 

Scroll to Top