Top Sport

Италијанскиот печат е јасен: Фетел и Леклер се идиоти!

По катастрофалната трка во Бразил од која Ферари си замина со нула поени, италијанскиот печат беше безмилосен кон возачите на Скудерија, Себастијан Фетел и Шарл Леклер, кои се судрија на патеката.

Италијанскиот печат, ТВ емисиите и фановите на социјалните мрежи се едногласни во осудата за бизарниот инцидент во Интерлагос.

„Требаше да очекуваме порано или подоцна вакво нешто. Инцидентот меѓу Фетел и Леклер е директна последица на последните шест-седум трки. Почна во Монца каде што Леклер не му помогна на Фетел во квалификациите и продолжи во Русија каде што Фетел не почитуваше наредба да го пушти Леклер. Ферари не се виновни. Идиотско однесување на возачите“, пишува во „Ла газета дело спорт“.

Во „Кориере дела сера“ беа подиректни.

„Фетел поради некоја причина се однесуваше како бебе на кое му ја земаа играчката. Гестикулации како вресоци. Фетел е врвен возач, но за жал неговиот карактер ќе го примора Ферари да му ја ограничи слободата“, вели коментарот.

Додека во печатените медиуми, вината се префрла на двајцата возачи, на социјалните мрежи има сасмо еден виновник – Фетел. Веднаш по трката помеѓу италијанските фанови стана популарен хеш-тегот #vettelout.

За нив, ова е последна од низата грешки на германскиот четирикратен светски шампион и тие сметаат дека сега тимот треба целосно да застане зад Леклер.

Scroll to Top