Италијанскиот печат реагираше со бес и лутина по Австриското ГП, каде што Ферари три часа чекаа да ја „наследат“ победата за Шарл Леклер, но на крајот Макс Ферстапен не беше казнет за претекнувањето и Ред бул ја освои победата.
Шефот на Ферари, Матија Биното му честиташе на Ферстапен и изјави дека Ферари ја прифаќа, но не се согласува со одлуката на стјуардите, кои не го казнија Ферстапен за претекнувањето на Леклер на два круга пред крајот. Ова доаѓа по Канадското ГП, каде што Себастијан Фетел ја загуби победата со контроверзна казна од 5 секунди по неговата битка со Луис Хамилтон и заклучокот на медиумите е дека Ферари веќе нема „тежина“ како во минатото.
„Напад против Ферари. По Канада, Маранело повторно е казнето од стјуардите, а Ф1 го губи кредибилитетот. Во исто време, постои загриженост за политичката тежина на Ферари по смртта на Серџо Маркионе“, се вели во „Ла газета дело спорт“.
„Кориере дела сера“ додава: „Има права само за возачите кои напаѓаат, но не и за тие кои се бранат – Фетел во Канада, Леклер во Австрија“. „Ла стампа“ додаде: „Ферари повторно губат – прво на патеката,а потоа и кај стјуардите“.
Коментаторот на „Кориере дела сера“, Џорџо Теруци дури оди дотаму што вели дека ФИА била под влијание на популарната победа на Ферстапен пред многубројните холандски фанови.