Најискусниот Ф1 возач, Кими Раиконен вели дека тој и неговото семејство живеат нормален живот и во изолација и вели дека не е опседнат со корона вирусот и вестите околу болеста.
Возачот на Алфа Ромео се врати дома во Финска, заедно со сопругата Минту и децата Робин и Ријана и во интервју со францускиот магазин „Ауто-ебдо“, светскиот шампион од 2007 вели дека животот не му се променил многу.
„Искрено, работите се добри со оглед на околностите. Имаме среќа што имаме куќа со голема градина. Освен што постојано сме дома, живееме нормален семеен живот. Ги правиме работите кои сме ги правеле и досега, но можеби би сакале да се видиме со повеќе пријатели“, вели Раиконен.
Тој вели дека дополнителен бонус е тоа што неговите деца сега можат да поминуваат повеќе време со него.
„Имаме голем двор, свеж воздух и се играме. Мислам дека се задоволни што сум тука повеќе. Не гледам вести и не читам весници, само понекогаш ќе го погледнам телефонот за некои информации. Не сум опседнат со вирусот. Немам и време, бидејќи тука се децата. Навечер малку гледам ТВ“, објаснува Раиконен.