Ферари повторно се бори за титулата во Формула 1 во моменти кога се одбележуваат 30 години од смртта на основачот Енцо Ферари, кој почина на 90 години во 1988 година.
Човекот познат како „Ил комендаторе“ е роден на 18 февруари 1898 во Модена, Италија. Неговиот татко беше пилјар од Карпи кој отвори мала работилница во која изработуваше метални делови во нивниот дом.
Енцо имаше 10 години кога го гледаше Феличе Нацаро како победува на Сиркут ди Болоња во 1908 година, трка која го инспирираше да стане тркач. Откако служеше во италијанската војска во Првата светска војна, тој едвај го преживеа „нападот“ на шпанскиот грип во 1918 година. Во 1920-тите тој го оствари сонот откако почна да се трка со Алфа Ромео, компанија која му помогна да го постави својот тркачки тим, но со кратко траење.
По Втората светска војна, Енцо го формираше својот тим и го постави црното коњче како лого на компанијата во чест на италијанскиот пилот од Првата светска војна, Франческо Барака. Деби трка му беше во Торино во 1948 година, а во 1949 година тимот победи на 24 часа Ле Ман. Во 1950 година тој се приклучи на новоформираниот Формула 1 шампионат и останува како единствен тим кој настапувал без прекин во шампионатот.
Неколку недели по неговата смрт, Ферари стигна до 1-2 победа на домашната трка во Монца со Герхард Бергер и Микеле Алборето, единствена трка која таа сезона не ја добија доминантните Мекларен со Аиртон Сена и Алан Прост.
Околу тоа што значи Ферари во Формула 1, можеби најдобро кажуваат зборовите на сегашниот ас, четирикратниот шампион Себастијан Фетел.
„Од првиот ден кога влегов во Ферари на крајот на 2014, го почувствував духот на основачот, духот на Енцо Ферари, кој е сеприсутен во Маранело. Јас сум роден во 1987 година, само една година пред смртта на Енцо Ферари и не можев да го видам во живо, но знам дека беше човек со визија, која уште е присутна во Скудерија. Луѓето кое работат тука, без разлика на која позиција, го чувствуваат тоа присуство и работат со повеќе страст. Тоа го прави Ферари посебен тим, многу различен од сите други. Ферари е мит за сите и затоа ми е чест што возам за нив“, изјави Фетел.