Легендарниот Ф1 возач, Михаел Шумахер, утре ќе наполни 50 години, а неговата сопруга Корина, во едно од ретките јавни обраќања, открила каква е здравствената состојба на нејзиниот сопруг.
Пред неколку дена се навршија пет години од трагичната несреќа во француските Алпи. Шумахер скијаќи во Мерибел се здоби со тешки повреди на главата.
За потребите на неговото лекување е оформена фондацијата „Кип фајтинг“, но малку се знае за неговата здравствена состојба бидејќи семејството го држи далеку од очите на јавноста.
Рехабилитацијата на славниот возач се одвива во неговиот семеен дом, кој се наоѓа на брегот на езерото Женева.
„Среќни сме што утре (четврток) ќе го прославиме 50.роденден на Михаел. Од срце ви благодарам што тоа можеме да го направиме заедно. Како подарок за него и за вас креиравме виртуелен музеј кој ќе биде отворен, па ќе можете да се присетите на сите негови успеси. Официјалната апликација Михаел Шумахер ќе биде уште еден чекор со кои покажуваме почит кон сите негови достигнувања. Уживајте во неа. Михаел може да биде горд на достигнувањата. Бидете сигурни дека Шумахер се наоѓа во најдобрите можни раце и дека ги користиме сите познати методи за да му помогнеме. Ви молиме да ги разберете неговите желби и на семејството да им ги оставите сите чувствителни работи, како што се прашањата за неговото здравје. Во исто време сакаме да се заблагодариме за поддршката и да ви посакаме среќна 209 година“, се наведува во соопштението на семејството на Михаел Шумахер.