Долгогодишниот спонзор на Формула 1, „Хуго Бос“ откри дека го завршува учеството во елитната серија за да се префрли на новата серија на тркање со болиди на електричен погон, Формула Е.
Славниот германски моден бренд е спонзор на Мерцедес од 2015 година, но претходно соработуваше повеќе од 30 години со Мекларен во текот на најуспешниот период на тимот во спортот. Сепак, Формула Е успеа да го „крене“ својот имиџ и да привлече доста производители како Мерцедес.
Извршниот директор на компанијата Марк Лангер за германскиот магазин „Фокус“ вели дека ФЕ е подобра платформа отколку Формула 1.
„Секако, Формула 1 е врвот на авто-мото тркањето, но Формула Е поиноватна серија со поголема одржливост. Моторите, трките во големите градови, тоа е нешто што ја привлекува помладата публика“, вели Лангер.
Тој ги отфрли обвинувањата дека ФЕ е подобар избор бидејќи рекламите се поевтини.
„По толку години во Формула 1, од времето на Јохен Мас во 1970-тите, баравме нешто навистина ново“, додава Лангер.