Тимот на Вилијамс се надева дека Роберт Кубица ќе ги исполни сите потребни услови на тестирањето во Абу Даби оваа недела, за да се доближи до фантастичен Ф1 кам-бек со поранешните шампиони.
Денеска и утре на патеката „Јас Марина“ во Абу Даби на програмата е тестот на гумите на Пирели, а Кубица, кому за малку ќе му беше ампутирана десната рака во 2011 година, ќе тестира за Вилијамс со надеж дека ќе се врати по седум години. 32-годишниот Полјак ќе вози двата дена.
„Процесот на проценка трае. Ќе завршиме многу работи оваа недела, но нема причини за брзање. Го имаме најдоброто слободно место во Ф1 и можеме да донесеме вистинска проценка. Нема да гледаме дали Роберт може да направи брз круг во Абу Даби, туку ќе треба да ги исполниме сите услови кои ги поставивме. Се надевам дека до Божиќ ќе имаме одлука за него“, вели директорот на перформанси на тимот, Роб Смедли.
Ривали на Кубица за испразнетото место по пензионирањето на Фелипе Маса се Германецот Паскал Верлајн, досегашниот возач на Заубер и јуниор од „ергелата“ на Мерцедес, како и тест-возачот на тимот, Шкотланѓанецот Пол ди Реста.