Top Sport

Култард: Во 1996 ги одбив Ферари, не сакав да бидам „слуга“ на Шуми

Поранешниот Ф1 возач, Шкотланѓанецот Дејвид Култард вели дека добил понуда да се приклучи на Ферари во 1996 година, но дека Михаел Шумахер бил главната причина зошто одбил да вози за славниот италијански тим.

Култард ја започна кариерата во Вилијамс во 1994 година, еден месец по трагичната смрт на Аиртон Сена во Имола, а една година подоцна стигна до својата прва победа во Португалија и остана во тимот до 1996 година, кога добил понуди од Мекларен и Ферари.

„На почетокот на кариерата ангажирав менаџерска компанија која успеа да ми обезбеди многу побогат договор со Мекларен од двегодишната понуда од Вилијамс. Така одеднаш добивав многу повеќе пари, но немав конкурентен болид. Затоа имаше неколку сушни години“, открива Култард.

Шкотланѓанецот вели дека, едноставно, не можел да ја прифати понудата од Ферари.

„Во Ферари, договорот кој ми беше понуден, на хартија ме поставуваше како возач број два на Михаел. Немам сомнеж дека Михаел беше подобар возач од мене, но во тој дел од кариерата едноставно не можев да прифатам да бидам број 2 и затоа се решив на Мекларен. Мислам дека не згрешив“, вели Култард.

Од 1997 до 2004 година, Култард победи во 12 трки за Мекларен, но неговиот колега Мика Хакинен ги освои титулите во 1998 и 1999 година.

Scroll to Top