Top Sport

Квјат нема да се врати во Торо росо

Торо росо ќе продолжат со дебитантите Брендон Хартли и Пјер Гасли до крајот на сезоната, откако тимот реши да не го враќа во тимот Русинот Данил Квјат.

Ова го потврди советникот на Ред бул, Хелмут Марко, клучен човек кој одредува кој ќе добие шанса во двата тима на австрискиот магнат Дитрих Матешиц.

„Квјат нема да се врати повторно. Не веруваме дека може да направи долгорочен пресврт. Гасли и Хартли ќе ја завршат сезоната, а потоа ќе видиме што ќе се случи“, изјави Марко во интервју за „Ауто билд“.

Следната година Торо росо ќе вози со мотори на Хонда, и тој е еден од ретките тимови кој ги нема потврдено возачите за 2018. Тимот кој претходно беше познат како Минарди, служи како „јуниорски“ тим на Ред бул, и во него дебитираа возачи како четирикратниот шампион Себастијан Фетел и сегашните возачи на сениорскиот тим, Даниел Рикијардо и Макс Ферстапен.

Ова е третпат Квјат да добива „клоца“ од Ред Бул. Русинот доби шанса да вози за Ред бул во 2014 година, но лани по четири трки од сезоната беше заменет од Ферстапен. Оваа година тој паузираше од трките во Малезија и Јапонија да направи место за Гасли, се врати во Остин, но сега повторно е во „аут“. Негова единствена опција да остане во Ф1 останува тимот на Вилијамс, кои ќе имаат слободно место ако не го продолжат договорот со ветеранот Фелипе Маса.

„Формула 1 не е сè на светот. Има и други добри шанси во животот“, изјави Квјат неодамна.

Scroll to Top