Top Sport

Лауда добил своерачно писмо од Фетел

Трикратниот Формула 1 шампион, Ники Лауда призна дека бил почестен од рачно пишуваното писмо со пораки за добро здравје од Себастијан Фетел по неговата трансплантација на бел дроб оваа година.

Лауда, кој се надева дека ќе се врати на својата позиција како не-извршен директор на Мерцедес следната сезона, го даде своето прво интервју по операцијата во текот на летото за италијанскиот весник „Ла газета дело спорт“ и го спомена неочекуваниот гест на Фетел.

„Писмото беше пишувано од Себастијан своерачно и беше вистинско задоволство да се прочитаат тие убави зборови и пораки за мене. Не го очекував тоа бидејќи обично Ф1 возачите не прават такви работи, туку само возат. Но, Себ е многу добра личност“, вели Лауда.

Ферари и Фетел во 2018 повторно беа најблиски конкуренти на Мерцедес и на Луис Хамилтон, но во вториот дел од сезоната, по низата грешки на Германецот, Хамилтон лесно стигна до трофејот. Лауда вели дека е апсурдно да се верува дека местото на Фетел во Ферари е под закана.

„Да, тој имаше неколку обесхрабрувачки моменти, но апсурдно е да се критикува четирикратен светски шампион. Не заборавил да вози брзо и ќе се врати посилен во 2019, во тоа сум сигурен“, додава Австриецот.

Scroll to Top