Деветкратниот рели ВРЦ шампион, Себастиен Леб ќе се врати на Светското првенство во 2018 година со настап на три трки со тимот на Ситроен.
43-годишниот Французин, кој последните години настапува на Дакар релито, го тестираше Ц3 автомобилот на асфалт и земја оваа година и ќе учествува на Мексиканското рели во март, на Трката околу Корзика и на Каталонското рели.
„Сите беа задоволни по тестирањето, јас најмногу, така што следниот логичен чекор беше настап на овие три трки. Чувството кое го добиваш при рели тркање е едно од најдобрите во мојот живот и бев возбуден што добив шанса да возам нов ВРЦ автомобил. Уште подобро, се враќам со тимот со кој имав толку успех“, вели Леб.
Ситроен ќе ја намали целосната ВРЦ програма на два автомобили, со Крис Мик на сите 13 релија од сезоната, додека неговиот колега Крег Брин ќе паузира во трките на кои ќе учествува Леб. Халид ал-Касими ќе вози трето Ц3 на одредени трки.
Леб последен пат настапи во ВРЦ шампионатот на Монте Карло релито во 2015 година, каде што беше лидер пред да се откаже со оштетено тркало. Покрај ВРЦ, Леб ќе вози на Дакар релито и во Светскиот реликрос шампионат со сестринскиот бренд на Ситроен, Пежо.
„Немам некои очекувања, само сакам да уживам. Беше логично да се оди на француското рели, но не сум најдобро запознат со рутата. Шпанија изгледаше како добра опција, а бидејќи сакав и рели на земја, ќе одам во Мексико“, додава Леб.