Германскиот доктор Марк Оберман им даде на фановите на Михаел Шумахер надеж дека постои шанса најуспешниот Формула 1 возач на сите времиња да почне да се опоравува, откако студијата покажа дека тие со сериозни повреди на главата се опоравуваат по четири години.
Седумкратниот Ф1 шампион имаше катастрофален пад на скијање во Мерибел на Француските Алпи во декември 2013 по што помина неколку месеци во кома. Во септември 2014 тој беше преселен во неговиот дом во Швајцарија, каде што неговото семејство ја држи неговата состојба во целосна тајност.
Но, фановите секогаш добиваа порака да не ја губат надежта, а сега докторот Оберман од Центарот за неврологија во „Асклепиос“ клиниката во Германија, вели дека пациентите со сериозно оштетување на мозокот можат да се опорават.
„Според шведските колеги, 30 до 40 отсто од пациентите ја вратија свеста во период од четири години. Многумина се враќаат во живот да ги видат своите деца и внуци како растат. Затоа надежта секогаш постои“, вели Оберман.