Шарл Леклер ја критикувал погрешната тактика што тимот ја одбрал за него на трката за Големата награда на Мексико. Возачот од Монте Карло во Мексико сити стартуваше од пол-позицијата, а трката ја заврши на четвртото место.
Мексиканското гран-при му припадна на актуелниот шампион Луис Хамилтон, чии тим Мерцедес со извонредна тактика ги надмудри своите ривали.
Британецот зад себе ги остави Себастијан Фетел (Ферари) и клупскиот колега Валтери Ботас.
Ферари ја утнаа тактиката за Леклер, се решија тој два пати да влезе во гаражата, а лошата стратегија ја „зачинија“ механичарите кој погрешија при замената на гумите кога тој втор пат влезе во боксот.
Вториот пат тој остана во боксот четири секунди повеќе од предвиденото поради што не можеше да се вмеша во борбата за првото место.
„Првиот пат влегов во гаражата за да ја заштитиме позицијата во однос на Албон, а потоа стана јасно дека ќе мора да влегувам уште еднаш. Втората промена на гумите не беше најдобра, тука се се смени. Направивме грешка, останав подолго од предвиденото во гаражата. Потоа се обидев да ги стигнам водечките но не успеав. Тектиката денес не беше добра“, рекол Леклер по трката во Мексико.
Леклер сезонава има две победи, а седум пати ја освоил пол-позицијата. Во генералниот пласман со 236 бода се наоѓа на третото место, зад возачите на Мерцедес.