Top Sport

Лоренцо за дебито со Дукати – како Меси да игра во средина

Трикратниот шампион во Мото ГП, Хорхе Лоренцо во интервју за официјалниот веб-сајт на шампионатот даде интересно интервју во кое зборуваше за својата прва сезона со италијанскиот тим Дукати.

Додека неговиот клупски колега, Андреа Довициозо има математички шанси за титулата пред финалето на сезоната овој викенд, Лоренцо се намачи со адаптирањето на својот стил на посебниот дизајн на Дукати.

„Титула за Дукати е нешто навистина посебно и би сакал јас да ја освојам пред мојот колега, но од друга страна ако јас не можам, тогаш нека биде Дови. Одлуката да дојдам во Дукати беше најдобрата што можев да ја направам. Сигурен сум дека наскоро ќе дојдат и резултатите“, вели Лоренцо.

Дукати е познат во Мото ГП по специфичниот дизајн на своите мотоцикли, со многу тешка адаптација на стилот, нешто за што најдобро може да посведочи Валентино Роси, кој мина две фрустрирачки години без победа во италијанскиот тим. Лоренцо има поинаква аналогија.

„Пред да се навикнам беше како да го ставите Меси да игра во средина на теренот. Секако, ќе игра добро, но тоа не е неговата вообичаена позиција. Се надевам дека во текот на зимската пауза ќе најдеме решение. Дукати и Јамаха имаат целосно различен концепт на мотоцикли. Со Дукати е тешко на сопирачките, на влезот на кривините, додека со Јамаха тука имав огромна стабилност. Со Дукати исто така мораш да ги користиш и задните сопирачки, за да го израмниш мотоциклот. Доста комплицирано“, признава Лоренцо.

Scroll to Top