Јос Ферстапен, поранешниот возач на седум Ф1 тимови со 106 старта, вели дека одбивал да му купи картинг на својот син, сегашниот ас на Ред бул, Макс Ферстапен, кој плачел за да почне со тркање.
Иако и самиот ја има брзината во крвта, Јос Ферстапен вели дека знаел дека неговиот син (кој дебитираше во Ф1 на 17 години во 2015) има талент, но дека бил загрижен за опасноста од тркањето. Инаку и мајката на Ферстапен, Софи Кумпен е поранешна натпреварувачка во картинг и други трки.
„Тој секогаш беше заинтересиран за тркањето и сакаше да почне многу млад, но јас постојано му велев дека е рано. Планот беше да го поставиме на картинг-патека кога ќе наполни шест години, но тој беше со неговата мајка на патеката во Генк и плачеше бидејќи виде деца помали од него како се тркаат. Ми викаше: ’Тато, сакам да возам’ и кога се вратив од Канадското ГП му купив картинг. Имаше само четири и пол години. Играше и фудбал, но не беше посебно добар, беше премногу нежен. Веднаш се виде дека е добар. Во првиот круг секогаш беше за секунда побрз од другите“, вели Јос.
Тој вели дека сега Макс е „самостоен“ и дека не му дава многу совети за да нема конфликти.
„Јас го пуштам да го прави тоа сам. Но, секогаш сум тука да му кажам што е добро и што е лошо. Тој ми верува, но не мора да се согласуваме секогаш“, додава Јос.