Кога се зборува за Марк Маркез, пофалбите честопати не се доволни. 24-годишниот Каталонец во фуриозни пет години стана вистинска „сила“ во Мото ГП шампионатот, освојувајќи четири светски титули и влевајќи страв кај своите ривали со бескомпромисниот стил, стабилноста и брзината.
Во 2013 година, кога имаше само 20 години, тој стана најмладиот возач со Мото ГП титулата, освојувајќи ја во својата прва сезона во спортот. Една година подоцна, супериорноста беше неверојатна – тој победи на 13 трки, најмногу во историјата, совладувајќи го рекордот на Австралиецот (исто така на Хонда), Мик Дуан од 1997 година.
Во 2015 се почувствува пад на формата, а и големиот број на излетувања и незавршени трки дозволија Хорхе Лоренцо во Јамаха да ја освои титулата, пред лани да стигне до титулата во тензична и опасна борба со Валентино Роси, човекот кој еднаш му беше идол.
Сега во Валенсија тој ја прослави својата четврта светска титула во елитната класа, а шеста севкупно во спортот.
Marc Márquez is special ?
Six World Championships and he’s still only 24 ?#Big6 pic.twitter.com/dZJk3SBMrX
— BT Sport MotoGP (@btsportmotogp) November 12, 2017
И воопшто не беше лесно. По шест трки од сезоната тој имаше само една победа (Остин), а не заврши две трки. Позитивноста и насмевката, која го красеа последните сезони полека ги снемуваше, пред тој да ја „истурка“ Хонда да направи големи промени на мотоциклот и да се врати на победите. Од шестата трка натаму тој имаше пет победи и четири дополнителни подиуми, користејќи ја секоја шанса за успех.
„Имам целосна доверба во потенцијалот на тимот и на фабриката која е зад нас. Никогаш не сум ја загубил довербата дека можеме да оствариме големи работи“, вели Маркез.
Наместо очекуваните ривали од Јамаха (Валентино Роси и Маверик Вињалес), Маркез оваа година се најде во борба со 31-годишниот Андреа Довициозо, еден од најомилените возачи во боксот поради неговата грациозност и скромност. И Маркез го признава тоа, иако вели дека не му е многу грижа против кого се трка.
„Најважното е да бидам еден од тие кои се борат напред. Не ми е грижа дали е некој мој идол од детството, некој возач на Дукати или Јамаха од другата страна. Најважно е да го дадам максимумот и да победам“, вели Маркез.
Сепак, оваа година борбата е достоинствена и обоена со взаемна почит, за разлика од борбата со Валентино Роси пред две сезони. 38-годишниот Роси се смири со Маркез оваа година, но тоа мислење не го делат неговите илјадници фанови кои не му простуваат на Каталонецот и секаде го пречекуваат со свирежи.
„Не знам дали тоа ќе сопре. Се вели дека времето лечи сè, но на крајот јас не се грижам за тоа. Ја работам мојата работа и ги правам среќни луѓето кои навиваат за мене и кои за среќа се многу“, објаснува Маркез.
Бидејќи има само 24 години, а веќе е четирикратен Мото ГП шампион, се поставува прашањето до каде ќе оди Маркез? Дали ќе остане со доминантната Хонда и ќе ниже победи и титули (како Дуан), или наскоро ќе се обиде да направи трансфер во друг тим (како Роси) и да се докаже на послаб мотор. Како и да е, сигурно не слушнавме за последен пат за Марк Маркез.