Марк Маркез уште еднаш му одговори на Валентино Роси, по изјавата на Италијанецот дека „се плаши од Шпанецот и неговиот начин на возење со кој го уништува спортот“.
Роси изјавата ја даде по трката во Аргентина, кога Маркез буквално го истурка од патеката.
„Ако тој се плаши од мене тоа е негов проблем, не е мој. Во моментов мислам само на трката во Остин и како да победам. Останатото не е важно. Во Аргентина беше тешко да се претекнува, а јас сакав да победам, сакав да направам разлика и поради тоа морав да напаѓам во секој момент“, рекол Маркез.
„Доколку сакаш да бидеш шампион не можеш да се занимаваш со неважни работи, мораш да се фокусираш на целта“, дополнил шесткратниот светски шампион по првиот ден од тркачкиот викенд во Остин.
Маркез на патеката во Остин победува во изминатите пет години, а на првиот тренинг најдобро време имаше Андреа Јаноне од Сузуки, втор беше Маркез, а зад него беа двете Јамахи со Маверик Вињалес и Валентино Роси.