Трикратниот светски шампион во Мото ГП, Марк Маркез вели дека никој нема да се сеќава ако тој ја освои титулата оваа година со помалку победи на трки од својот ривал Андреа Довициозо.
Возачот на Хонда, Маркез пред последната трка во Валенсија овој викенд има 21 поени предност пред Довициозо на Дукати и било кој финиш во топ 11 ќе биде доволен да ја освои титулата. Ако Довициозо победи во Валенсија ќе ја заврши сезоната со седум победи во споредба со шесте на Маркез.
„Очигледно, јас можам да ја загубам оваа титула, а тој може да ја освои. Тој што води со 21 поен е тој што треба да ракува со предноста, а тој зад него мора да победува. Дови мора да ризикува и има една стратегија – да се трка и потоа да види што ќе се случи. Во текот на годините научив дека е поважно да освоиш титула отколку една победа. Ако јас имам шест победи, а Дови седум, не е голема разлика. За еден месец, никој нема да се сеќава на тоа. А, титулата трае засекогаш“, вели Маркез.