Top Sport

Маркез на пол-позицијата пред Зарко и Роси

Марк Маркез, старо-новиот светски првак во „кралската класа“, во Мото ГП шампионатот, оствари најбрзо време (2:12.161 минути), со што ја избори пол-позицијата во пресрет на утрешната трка за Големата награда на Малезија. Возачот на Репсол Хонда, на патеката „Сепанг“, ја освои 80.пол-позиција во кариерата.

Шпанецот, уште еднаш ја покажа својата класа и успеа да биде пред конкуренцијата на влажната патека во Малезија. Поради дождот, квалификациите беа одложени за 90 минути.

Маркез за половина секунда беше побрз од возачот на Монстер Јамаха Тек, Жоан Зарко. Првиот стартен ред го комплетираше Валентино Роси на Јамаха.

Од вториот ред утрешната трка ќе ја започнат Андреа Јаноне (Сузуки), Андреа Довициозо (Дукати) и Џек Милер (Прамак Дукати).

Потоа следуваат тимскиот колега на Милер, Данило Петручи, Алекс Ринс (Сузуки), Алваро Баутиста (Дукати), Дани Педроса (Репсол Хонда) и победникот на минатата трка во Австралија, Маверик Вињалес (Јамаха).

Трката за Големата награда на Малезија утре ќе се вози во 6 часот по средно-европско време.

Scroll to Top