Иако шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер го посочи кам-бекот на Алфа Ромео во Ф1 како доказ дека Серџо Маркионе блефира кога вели дека Ферари може да се повлече од спортот, шефот на Фиат-Крајслер ја повтори заканата.
„Алфа Ромео е дел од истиот менаџмент на Серџо, така што ако доаѓаат во Ф1, не е реално Ферари да заминува. Ф1 очигледно функционира добро“, изјави Хорнер.
Италијанецот не се согласува.
„Дијалогот започна и мора да еволуира. Имаме време до 2020 да најдеме решение кое му одговара на Ферари. Заканата за заминување е сериозна, верувајте во тоа. Договорот со Заубер завршува во 2020/21, кога можеме целосно да си заминеме. Мора да најдеме решение кое ќе е добро за спортот, но имаме работи од кои не смееме да отстапиме“, додаде Маркионе.
Иако првичната закана на Ферари беше поради стандардизирањето на деловите на болидот, поголема „болка“ ќе биде да се договорат парите кои италијанскиот тим ги зема од Ф1. До 2020 Ферари има бонус како најстар и најуспешен тим, нешто што не им се допаѓа на повеќето ривалски тимови. Останува да се види како ќе течат разговорите.