Top Sport

Марко открива зошто го „шутнале“ Гасли: Со ваков болид мораше да биде побрз

По само шест месеци во гаражата на Ред бул рејсинг, Пјер Гасли се враќа во Торо росо по низата разочарувачки резултати, посебно во споредба со колегата Макс Ферстапен, но советникот на Ред бул и лидер на академијата на возачи, Хелмут Марко нема многу симпатии кон Французинот.

„Тој имаше многу проблеми со возачите пред него и затоа губеше места. Покрај тоа, тој не сака да ги фаќа тие пред себе и така губевме многу поени. Мораше да реагираме и сега Александер Албон ќе има шанса да се покаже до крајот на сезоната. Ќе видиме кој ќе вози покрај Макс следната година“, вели Марко за „Ауто билд“.

Ред бул заостанува само 44 поени зад Ферари во пласманот на конструктори, додека Гасли има 118 поени помалку од Ферстапен. Марко вели дека со конкурентниот РБ15 и со силниот мотор на Хонда мора да се оствари повеќе.

„Изградивме болид со мала потисна сила бидејќи не очекувавме дека моторот ќе биде толку добар. Сега имаме повеќе моќ и ќе беше подобро да имаме и повеќе потисна сила. Но, последните трки покажаа дека одиме во вистински правец“, вели Австриецот.

Scroll to Top