Вториот човек на Ред бул рејсинг, Хелмут Марко смета дека казната по која Себастијан Фетел ја загуби победата од Канадското ГП која му беше „предадена“ на Луис Хамилтон е само последен пример како „сребрената стрела“ мистериозно добива предност од првите луѓе на Ф1.
Марко, како и поголем дел од луѓе вклучени во Ф1 сметаа дека казната за несигурно враќање на патеката на Фетел беше престрога, бидејќи возачот на Ферари направи речиси сè за да избегне судир.
„Себастијан не направи ништо погрешно. Едвај го контролираше болидот, а Хамилтон можеше или едноставно да го помине или да сопре. Затоа казната остава горчлив вкус и правилата мора да се сменат. Сакам возачи кои остануваат на своето мислење. Казната не беше коректна, а повторно корист извлекоа Мерцедес. Да кажеме вака – се забележува дека сите промени на правилата во последно време се добри за Мерцедес. На пример, Пирели ги сменија гумите за 2019 за да не се прегреваат иако во 2018 само Мерцедес имаа проблем со тоа“, вели Марко во интервју за „Ауто билд“.