Top Sport

Маса: Тажно е што нема Бразилци во Формула 1

Повлекувањето на Фелипе Маса од Формула 1 значи дека првпат по долго време, во елитата на мотоспортот нема да има бразилски возач.

„Секако дека сум разочаран. Мојата земја беше интегрален дел од Формула 1 со возачи како Сена, Пике и Фитипалди и навистина имав среќа и чест што бев дел од таа група. Ме загрижува тоа што нема знаци дека ќе има нов возач наскоро. Економската ситуација во Бразил е делумно одговорна, но тоа не е единствената причина“, вели Маса во интервју за „Ауто ебдо“.

Маса, кој во кариерата возеше за тимовите на Заубер, Ферари и Вилијамс, смета дека мора да се промени структурата на авто-мото сериите во Бразил, бидејќи веќе не се обрнува внимание на развојот на младите таленти.

„Нема ништо што би ги подготвило за скокот од картинг трките до малите формула 1 серии и ниту една национална серија која може да ги подготви за европските трки. Денеска гледаме Формула 4 шампионати во многу земји, но не и во Бразил. Имаме нов претседател на националната федерација и се надевам дека работите ќе се сменат“, вели Маса.

Scroll to Top