Шефот на Ферари, Матија Биното инсистира дека неговиот тим нема потреба да го менува приодот кон тркачкиот викенд, и покрај критиките за лошата стратегија на Скудерија на последните неколку трки, за која многу Тифози сметаат дека токму Биното е одговорен.
По доминантниот старт на сезоната, Шарл Леклер и Карлос Саинс Јуниор загубија потенцијални победи и многу поени поради стратешки грешки. Биното вели дека не постои решение како со „сребрен куршум“, но додава дека е потребно постојано да се подобрува тимот.
„Не мислам дека постои нешто што треба да го правиме поинаку. Само треба да го продолжиме нашиот пат и да се подобруваме со секоја наредна трка. Имаме потенцијал да победуваме на секоја трка, но за тоа треба да стигнеме до целта. Не значи дека се потребни промени. Нема сребрен куршум во овој спорт. Каков и да биде исходот на 2022, треба да бидеме подготвени и за 2023“, вели Биното во интервју за „Моторспорт“.