Поранешниот возач на Хас, Русинот Никита Мазепин влезе во битка со британската влада околу санкциите кон него и неговото семејство по руската инвазија на Украина, во обид да се врати во врвот на моторспортот.
Мазепин доби отказ во март, кога Хас го прекина спонзорскиот договор со најголемиот производител на вештачко ѓубриво во светот, руската компанија „Уралкали“ во сопственост на неговиот татко, милијардерот Дмитриј Мазепин. Двајцата потоа добија санкции од Велика Британија, Канада и Европската Унија, која го опиша постариот Мазепин како „член на најблиското опкружување“ на рускиот претседател Владимир Путин.
24-годишниот Мазепин пред Врховниот суд во Лондон бара тргање на санкциите за да може да преговара со Ф1 тимовите. Судот во јуни ќе одлучи дали привремено ќе бидат тргнати санкциите.