Фернандо Алонсо се почуствувал понижен на стартот на 2017 откако сфатил дека Хонда направиле чекор назад во текот на зимскиот период, вели тркачкиот директор на Мекларен, Ерик Булие.
По катастрофалната прва сезона со Хонда во 2015 година, Мекларен скокнаа од деветтото на шестото место во 2016 година, и Шпанецот очекувал голем прогрес и борба за подиуми и победи. Но, новиот концепт на Хонда се покажа како чекор назад и во однос на постојаноста и во однос на брзината.
Мекларен следната година ќе возат со мотори на Рено, но Булие призна дека Алонсо најмногу „страдал“ во 2017.
„Како натпреварувач, тој беше ментално подготвен во текот на зимата. Но, дојдовме во Барселона на зимскиот тест и бевме послаби од 2016 година, и нормално тој беше тажен, понижен и исфрустриран. Не беше добро“, вели Булие.
Алонсо никогаш не го криел својот темперамент и призна дека со тупаница направил дупка во ѕидот на својата соба кога беше исфрлен од трката во Сингапур во првиот круг во најдобрата шанса за добар резултат.
„Понекогаш треба да се искаже исфрустрираноста, но тој е таков и кога победува. По трките е секогаш напнато. Фернандо го има тој бес внатре бидејќи знае дека може подобро. Знае дека може да е најдобриот. Мислам дека и ако победи ќе направи дупка во ѕидот! Секогаш го споредувам со ајкула – ако намириса крв, ќе тргне во напад“, објаснува Французинот.