Top Sport

Мекларен се „бунтуваат“ против „белото Ферари“

Шефот на тимот на Мекларен, Андреас Зајдл е незадоволен од односите кои тимот на Хас ги има со Ферари, посочувајќи дека „тоа не е вистинското за Ф1“, откако оваа сезона нивниот болид од критичарите се нарекува „бело Ферари“.

Кога Хас влезе во Формула 1 во 2016 година, тие почнаа со купување на сите дозволени делови од Ферари, вклучувајќи аеродинамички делови, мотор и менувач. Тие имаа добар старт на таа сезона, но потоа паднаа во форма. Оваа сезона пак, откако Ферари победија на првата трка од сезоната и се верува дека имаат доминантен болид, а „копијата“ на Хас се покажа како одличен болид – Кевин Магнусен заврши на петотто место во Бахреин.

Зајдл вели дека не сака да навлегува во деталите на партнерството меѓу Ферари и Хас, но дека не е во ред еден тим само да купува делови од друг конструктор наместо сам да ги гради.

„Прво сите во тимот сме зафатени со нашиот болид, така што немаме многу време да зборуваме за Хас и Ферари. Но, не е  тајна дека тие односи кои се дозволени со регулативите не загрижуваат. Нашата гледна точка е дека во иднина сакаме да осигураме дека Ф1 е шампионат помеѓу 10, 11 или 12 еднакви конструктори. Единственото нешто што треба да се споделува е моторот и менувачот, другото сами мора да го изградите. Кога се оди чекор напред, очигледно е дека има трансфер на интелектуална сопственост која носи перформанси на болидите и тоа не е Формула 1. Затоа постојано ќе зборуваме против тоа“, вели Зајдл.

Ова не е првпат да има вакви несогласувања во Ф1. Во 2020 година, Рејсинг поинт (сега Астон Мартин) имаа „копија“ на болидот на Мерцедес („розевиот Мерцедес“) од минатата сезона и добија казна од 400.000 евра откако се откри дека имало ископирани делови од „сребрената стрела“.

Scroll to Top