Екипата на Мерцедес се жали на резултатот и кршењето на правилата во завршницата на денешната трка во Абу Даби на која победи возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен пред Луис Хамилтон.
Како што соопштија од Мерцедес, вложена е жалба против Ферстапен поради кршење на член 48.8 од спортскиот правилник на ФИА како и жалба за конечниот поредок, наводно заради кршење на член 48,12 од спортскиот правилник.
Мерцедес се жали поради претркувањето на Ферстапен додека безбедносното возило беше на патеката, како и поради процедурите во врска со безбедносното возило.
Холанѓанецот во последниот круг со свежи гуми го претекна Хамилтон и ја освои првата шампионска титула. На тоа му претходеше појавувањето на безбедносното возило, но и контроверзна одлука на дирекцијата на трката.
Возилото за безбедност излезе на патеката во Абу Даби на 5 круга пред крајот поради инцидентот на Николас Латифи од Вилијамс. Тоа време го искористи Ферстапен да оди во боксот, да ги смени гумите, а Хамилтон остана на патеката како првопласиран.
Дирекцијата на трката тогаш соопшти дека возачите кои за време на престојот на возилото за безбедноста на патеката оделе во боксот, не смеат да ги претркуваат возилата кои доцнат за цел круг. Сепак, наскоро одлуката се промени, позициите им беа вратени, па дозволено беше трката да продолжи нормално во последниот круг.
Хамилтон се обидуваше да ја освои рекордната осма титула светски шампион, но засега остана изедначен со Михаел Шумахер, по 7 титули.