Шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер вели дека не гледа разлика меѓу Мерцедес и Ферари во нивните ставови околу иднината на Формула 1, велејќи дека „работат како еден тим“.
Шефот на Мерцедес, Тото Волф призна дека се согласува со повеќето причини поради кои претседателот на Ферари, Серџо Маркионе најави повлекување од спортот доколку се остварат најавите за промените во спортот од 2021 година.
„Мерцедес и Ферари работат како еден тим во последно време. Понекогаш е тешко да се разликува кој е кој. Последните неколку години има многу блиски односи меѓу Ферари и Мерцедес. Дури и си ги пренесуваат промоциите еден на друг и слично“, вели Хорнер.
Тој очекува да има уште „тактички игри“ оваа сезона доколку новите сопственици „Либерти“ се обидат да одредат правец по кој ќе се движи Формула 1.
„Ние сме фокусирани на тркањето и работите кои сакаме да ги контролираме, но има нови сопственици во Ф1 и тие треба да одлучат како сакаат да изгледа Ф1. Сигурен сум дека во текот на сезоната ќе дадат предлози, по што ќе има многу закани и позиционирање, кое започна кај некои тимови“, додава Хорнер.