Џејмс Елисон, техничкиот директор на Мерцедес Ф1, тимот кој освои седум титули во низа и чија доминација најверојатно нема да сопре ниту оваа година, вели дека ривалите не го копирале нивното решение со подолго меѓуосовинско растојание бидејќи медиумите ги убедиле сите дека „гуруто“ на Ред бул, Адријан Њуи е најдобриот дизајнер.
Њуи, несомнено, е еден од најголемите технички умови во спортот, дизајнирајќи шамионски болиди за Вилијамс, Мекларен и Ред бул, но ниту еден од 2014 година. „Сребрената стрела“ повеќе сезони користи подолго растојание меѓу предните и задните тркала, и дури во 2020 првпат беа копирани од Рејсинг поинт.
„Има два одговори на тоа прашање. Прво, медиумите завршија многу добра работа и им кажуваа на сите дека Адријан Њуи ги гради најдобрите шасии и затоа тимовите го копираа нивниот концепт. Ние, во меѓувреме, во сенка одиме со болид за кој сите веруваа дека е брз само поради моќниот мотор. Никој не ја сфаќаше нашата аеродинамика долго време. Сега, посериозниот одговор – секој тим си бара начин за изградба на болидот, без разлика дали го копираат Њуи или не. Секој пат има свој ризик, и кога ќе почнеш со еден концепт, тешко е потоа да го смениш. Затоа сите остануваат со тоа што го имаат и го развиваат. Ние имавме проблем во нашиот болид во 2017, и ни беа потребни четири години да го решиме тоа. Тоа е како да возите супертанкер. Го насочувате полека, а потребно е време танкерот да го смени правецот. Ако одите во погрешна насока, ќе ви треба долго време да сопрете“, вели Елисон.