Откако прво тврдеше дека Ферари има предност од 5 десетинки пред Мерцедес на рамните делови во Хокенхајм, шефот на Мерцедес, Тото Волф посочи дека уште се сомнева дека најновото подобрување на моторот на италијанскиот тим е добиено преку прекршување на регулативите на ФИА.
Австриецот се обиде да не направи директно обвинување, но јасно посочи дека во Мерцедес се сомневаат.
„Ако некој, а не кажувам кој бидејќи навистина не знам, е подготвен да ја ризикува својата репутација, тогаш ниту ФИА не може да реагира. Морате да сметате на интегритетот на луѓето и на организацијата. Паранојата и скептицизмот секогаш постоеле во Ф1 и мораме да им веруваме на луѓето. На патеки кои требаше да ни одговараат – Силверстон и Хокенхајм, Ферари имаа болид со најдобар мотор. Единствена реакција е да се запрашате што прават и како можете да ги стигнете“, вели Волф.
ФИА даде зелено светло на подобрениот мотор на Ферари, иако ривалите се сомневаат дека перформансите кои ги добиле доаѓаат од хибридниот систем, за што постоеја сомнежи и на стртот на сезоната.