Повеќе Ф1 медиуми објавија дека шампионите Мерцедес бараат враќање на системите за активна суспензија во спортот од 2018 година.
Светската автомобилистичка федерација (ФИА) реши да ги забрани системите за суспензија помогнати од хидраулика пред стартот на сезоната 2017, поради системите кои ги користеа Мерцедес и Ред бул, преку „умни трикови за намалување на височината на болидите на кривините“.
Се веруваше дека Ред бул рејсинг се тимот кој најдобро ја искористи шемата добивајќи аеродинамичка предност и предност на трошењето на гумите на кривините. Според „Аутоспорт“ во моментов се разгледуваат две различни опции – првата е враќање на едноставните суспензии со пружини, додека другата е враќање на радикалната „активна суспензија“, последен пат користена во 1993 година.
„Активната суспензија е поевтина бидејќи го развивате системот еднаш и потоа го замрзнувате. Така ќе се заштедат милиони евра годишно и ФИА ќе има поголема контрола, а во исто време ќе се добие и предност при претекнувањето“, изјави анонимен инженер на Мерцедес за германската публикација „Ауто мотор унд спорт“.